здравство

Здравствените власти работат на подобрување на системот „Мој термин“

12.08.2024 14:59

Ќе се подобрува системот „Мој термин“, сите здравствени установи да бидат поврзани, ќе се воведува и телемедицината, најавува министерот Таравари. Неизвесно е кога договорците ќе добијат решенија.

Неизвесно е кога здравствените работници кои со години работат со договор на дело ќе добијат решенија. Министерот за здравство Таравари се надева дека ќе се најде начин половина од нив, да бидат вработени до крајот на годината, а останатите следната. На тој начин вели ќе се отвори можност да бидат ангажирани други договорци, бидејќи дефицит од кадар има во сите здравствена установи. Иако претходната влада, лани во декември најави дека 1.117 лица ангажирани со договор на дело ќе добијат вработување, тоа не се случи.

„Јас се надевам дека повеќе од половина од договорците ќе добијат решенија за работа со тоа што ќе отвориме простор и за други договорци, бидејќи имаме огромен дефицит од кадар каде и да одам во сите градови во сите болници, првата и најголемата жалба од раководителите на здравствените институции е недостаток на средномедицински кадар и на доктори“, изјави Арбен Таравари, министер за здравство.

На Институтот за радиологија вработените работат во две смени и за викенд за да се намали чекањето на резултати. Успеале да расчистат, директорката алармира дека на Институтот недостига кадар, дел заминале во приватното здравство, други се пензионирале.

„Со постоечкиот кадар кој не е доволен моравме да направиме една внатрешна реорганизација за да го намалиме чекањето на наоди. Се работи втори смени, се работи викенди и тоа е добра волја на луѓето. Доста расчистивме од заостанатите наоди имаме уште малку работа за да застанеме на здрави нозе и да се организираме поинаку. Чекањето сега не можам да кажам колку е, но е многу помалку од претходно“, изјави д-р Соња Николова – директорка на Институтот за радиологија.

Останува отворено и прашањето кога на позитивната листа ќе има нови лекови. Повеќе од еден месец се чека да биде формиран Управниот одбор на ФЗОМ, каде треба да поминат деветте нови лека пред да бидат ставени на позитивната листа која не е обновена повеќе од една деценија. Таравари соопшти и дека е распишан втор тендер за набавка на компресорска станица за операционите сали на хируршките клиники, откако на првиот не се пријави ниту една фирма.

 

Андријана Ѓурческа