Почна расправата за ребалансот на Буџетот
Во Собранието почна тридневната расправа за ребалансот на Буџетот. Власта уверува ќе се обезбеди ликвидност за редовно сервисирање на сите обврски. Опозицијата вели – има големи пропусти, нема пари за плати и пензии.

Стартуваше расправата за ребалансот на Буџетот за 2024-та. За власта овој ребаланс значи обезбедување финансии за нормално функционирање на државата, опозицијата обвинува за недомаќинско однесување и водење на државата без компас.
Министерката за финансии го образложи новото прекројување на државната каса. Рече, растот на БДП е проектиран на 2,1 проценти, инфлацијата на ниво од 3,5 проценти, а буџетскиот дефицит на 4,9 проценти.
Опозицијата нема да го поддржи вака скроениот Буџет. Од СДСМ велат, има големи пропусти, нема обезбедено доволно пари за плати и пензии.
Ребалансираниот Буџет ќе тежи рекордни над 5,8 милијарди евра.
Во следниве три дена пратениците на власта и опозицијата треба да ги дадат последните аргументи за или против прекројувањето на државната каса.
Борис Грујоски
