Бразил-Германија: Судир на фудбалските титани
Светот е во трескавичното исчекување на големата, историска пресметка...

Фудбалска моќ,титули, славни поединци и величествена историја...сево ова е заедничко за Бразил и Германија, за гигантите на светското фудбалско небо. И во Бразил одлетаа до височини од кои пука погледот кон Рио, кон славната Маракана кон финалето на 13 јули. Но, најнапред треба да се преживее оваа ноќ во Бело Хоризонте. Свесни се за моментот вечерашните актери.
„Знаеме дека не смееме да загубиме. Ја имаме целата нација зад себе. Ова е натпревар на нашите животи, има малкумина фудбалери кои доживеале да се во полуфиналето од Светското првенствово својата земја“, вели Давид Луиз.
Германија 4-ти пат едноподруго е во завршницата од светските првенства. Јоаким Лев е свесен за дострелот: „Ова е наш своевиден хајлајтс, нешто специјално и неверојатно. Едно е сигурно дека очајнички посакуваме да истрчаме на Маракана на 13 јули. Свесни сме за силата на Бразил и без Неимар и Тиаго Силва. На светските првенства секогаш сакаме да ги гледаме најдобрите фудбалери, затоа е тажно што Бразил ќе игра без двајца играчи, од кои едниот е меѓу најдобрите на светот.“
Бразил и Германија се земјите со најмногу одиграни натпревари на светските првенства, заедно имаат 8 титули, одиграле вкупно 22 полуфинални натпревари и затоа изгледа по малку парадоксално, што досега имале само еден меѓусебен мундијалски двобој.
Но, двобој за историјата: во финалето на Светското првенство во 2002-та година. Се паметат бравурите и головите на бразилскиот феномен Роналдо, по кои „Кариоките“ во Јокохама петти пат го кренаа трофејот. Трагичарот на тоа финале беше извонредниот германски голман Оливер Кан, кој инаку беше прогласен за најдобар актер на Мундијалот. Луиз Фелипе Сколари го предводеше тој шампионски тим и влезе меѓу бразилските тренерски легенди.
И Јоаким Лев исто така беше дел од тој историски меч во својство на помошник на Јирген Клинсман на германската клупа. Сколари мечтае за уште поголема слава.Верува во можностите на Данте како алтернатива за суспендираниот Тиаго Силва, нема соодветна замена за несреќниот Неимар, но има профили кои би го дале неопходниот придонес.
Поддршката која зрачи од целата нација, ќе е силен бразилски адут.Лев сонува да и се приклучи на славната тренерска тројка Хепбергер, Шен и Бекенбауеркоја го прослави германскиот фудбал.Германија на добро познатиот начин го освојува мундијалскиот простор. Не блескаше против Алжир и Франција во нокаут фазата, но победува.Го има извонредниот голман Нојер, воинствениот капитен Лам, силниот Хумелс и опасниот Милер.
Светот е во трескавичното исчекување на големата, историска пресметка.
Златко Калински
