Украинските трупи напредуваат на руска територија
Путин бара украинските сили да се протераат од регионот, најави одговор за Киев. Зеленски вели-Москва мора да биде принудена да постигне мир...

Продолжуваат борбите на руска територија. Украинските трупи напредуваат. Ситуацијата во Курската област тешка. 28 населени места се под контрола на непријателот-потврди Москва испраќајќи дополнителни сили.
„28 населени места се под непријателска контрола. Неколкукратно се зголемија нападите со беспилотни летала и ракети. Не ја знаеме судбината на околу 2 илјади луѓе. Најголемиот проблем е што нема јасна линија на фронтот“, изјави Алексеј Смирнов, вршител на должноста гувернер на Курск.
Путин бара украинските сили да се протераат од регионот, најави одговор за Киев. Зеленски вели-Москва мора да биде принудена да постигне мир.
„Тоа се областите од кои руската армија изврши напади врз нашиот регион Суми. Затоа, нашите операции во Курск се чисто безбедносно прашање за Украина, ослободување на граничната област од руската војска. Фер е да се уништат руските терористи од каде што ги започнаа нападите. Русија мора да биде принудена на мир ако Путин очајно сака да води војна“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Во истовреме, украински медиуми јавуваат дека во земјата е прогласена опасност од напади со балистичко оружје. САД го предупредува Иран на брза и сериозна реакција доколку и испорача балистички ракети на Русија.
