кабинет

Претседателката Сиљановска Давкова се обрати на младинската дискусија „Nextgen перспективи: Младинска (Ре)акција!“

13.08.2024 09:26

Темата на настанот, во коорганизација на Националниот младински совет на Македонија и Кабинетот на претседателот, а со поддршка на Британската амбасада во Скопје, беа младинските перспективи и визиите на младите за лидер и лидерство...

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, вчеравечер се обрати на младинската дискусија „Nextgen перспективи: Младинска (Ре)акција!“, што по повод 12 август, Меѓународниот ден на младите, се одржа во Вила Билјана во Охрид.

Темата на настанот, во коорганизација на Националниот младински совет на Македонија и Кабинетот на претседателот, а со поддршка на Британската амбасада во Скопје, беа младинските перспективи и визиите на младите за лидер и лидерство.

За време на дискусијата беа споделени размислувања, идеи и визии на младите кои доаѓаат од граѓанските организации за состојбата со младите и младинското организирање кај нас.

Претседателката Сиљановска Давкова рече дека не може за младите да се одлучува без младите и како што нагласи, многу логично е во процесот на одлучување, кога одредено прашање се однесува на младите, тие да кажат како го замислуваат решението.

„Можеби е добро да ги земете работите во свои раце, да бидете субверзивни, бидејќи еднаш ќе ве прескокнат, меѓутоа не може секогаш. Ако зад вас стојат моќни организации, тогаш и вашиот збор и вие ќе бидете чуени. Мислам дека клучната улога ја имаат младите. Без ум, без знаење, без креација, без непослушност, промени нема“, рече претседателката Сиљановска Давкова, порачувајќи дека само одлуките во кои учествуваат младите можат да водат сметка за иднината во која клучниот збор ќе го имаат младите.

Во своето обраќање на настанот, британскиот амбасадор Метју Лосон посочи на заложбите за поддршка на младите луѓе.

Претседателот на НМСМ, Филип Ивковски рече дека радува можноста за Меѓународниот ден на младите да им се овозможи на младите простор да разговараат за своите потреби и интереси со носители на одлуки.

Меѓународниот ден на младите кој се одбележува секоја година на 12 август е прогласен од Обединетите нации со идеја за подигање на свеста за младите и младинските прашања. Целта на денот е да се сврти вниманието на јавноста за одредени културни, социјални и правни прашања околу младите.