Почна реконструкцијата на улицата „Јордан Мијалков“
Градежните работи би требало да завршат за 150 работни дена, а доколку нема никакви проблеми во врска со подземни инсталации би можело и порано...

Нова инвестиција во патната мрежа на главниот град. Во присуство на премиерот Никола Груевски и градоначалникот Коце Трајановски, почна проширувањето и обновата на улицата „Јордан Мијалков“, поранешна „Железничка“.
Реконструкцијата ќе се врши од улицата „Герман“ па се до улицата „Павел Шатев“, во должина од 750 метри, со што ќе се добие уште една коловозна лента, ќе има странично зеленило од 1,5 метар, сервисна улица по целата должина и надолжен паркинг. Градежните работи ќе ги извршува градежната фирма „Пелагонија“ од Гостивар, додека уличното осветлување е на компанијата „Диџит“.
Градежните работи би требало да завршат за 150 работни дена, а доколку нема никакви проблеми во врска со подземни инсталации би можело и порано.
„Со завршување на оваа улица ќе се добие поголема проточност, поголем бенефит од аспект на екологија. Оваа улица практично ќе биде дел од сообраќајниот јазол што се прави на овој дел од градот Скопје околу Јужниот булевар. Ова е во функција и на подготовките што ќе се прават кога ќе биде готов Јужниот булевар и двата кружни тека што ќе се направат на крај“, изјави градоначалникот Трајановски.
Вредноста на оваа инвестиција е 47 милиони денари, од кои 43 милиони денари се за градежните работи и четири милиони денари за уличното осветлување.
