Ескалира состојбата на Блискиот Исток
Ескалира состојбата на Блискиот Исток. Иран може да го нападне Израел во наредните 24 часа, јавуваат американски медиуми. Во време на зголемени тензии во регионот, Блинкен отпатува во посета на Блискиот Исток...

Драматична состојбата на Блискиот Исток. Стравувањата од ескалација во регионот дополнително подгреани од објавата на дел од американските медиуми во кои се тврди дека Иран може да го нападне Израел во наредните 24 часа. Пентагон распореди подморница со наведувани ракети. Американскиот државен секретар повторно во посета на блискоисточните земји. Во време на зголемени тензии на средба со лидерите на Катар, Египет и Израел.
„Ја следиме ситуацијата внимателно. Тешко е да се зборува за тајмингот, но нашата проценка се совпаѓа со проценката на Израел дека нешто може да се случи оваа недела од Иран. Подобро е преговарачите да се вратат на маса и да го доведат овој договор до крај. Велат дека се грижат за луѓето во газа, ова е начин да го докажат тоа. Појавете се, потпишете и да го завршиме ова“, изјави Џон Кирби, портпарол на Белата куќа.
Иако извештаите покажуваат дека иранскиот напад е неизбежен, од Израел не отстапуваат. Повторуваат дека се подготвени за секакво сценарио – и за одбрана и за напад.
„Во врвна подготвеност сме за напад и одбрана и ќе постапиме според инструкциите на политичкиот ешалон. Во оваа фаза нема промена во одбранбената политика на командата на домашниот фронт. Имаме широки планови за напад и сме силно подготвени за извршување“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската одбрана.
На фронтот се водат жестоки борби. Израел ја продолжи офанзивата против милитантите на Хамас во Газа, напаѓа и во Либан, пресметувајќи се со борците на Хезболах. Во израелските напади во Појасот Газа загинаа најмалку 10 цивили на истокот од Кан Јунис, тврдат палестински извори. Голготата на жителите на енклавата не запира.
„Нема шатори за нас и нема место. Не знаеме каде да одиме. Не преместуваат од едно место на друго, но нема слободни или безбедни места. Ситуацијата е тешка“, изјави жител на Газа.
„Окупациските сили ни рекоа да ја напуштиме оваа област, но не најдовме каде да останеме, па моравме да се вратам на истото место каде што е опасно. Нема безбедно место и нема каде да одиме“, вели друг жител на Газа.
Состојбата на Блискиот Исток особено се усложни по убиството на политичкиот лидер на Хамас и командантот на Хезболах, по што Иран најави одмазда. САД го зголемуваат военото присуство во Израел, а многу земји ги повикаа своите граѓани да го напуштат Либан.
Маја Стојанова
