воен конфликт

Опасност од напади со балистичко оружје во Украина

13.08.2024 10:00

Опасност од напади со балистичко оружје во Украина. Украинските трупи напредуваат на руска почва. САД го предупредуваат Иран на брза и сериозна реакција доколку и испорача балистички ракети на Русија...

Во Украина прогласена опасност од напади со балистичко оружје додека Русите продолжија жестоко да удираат низ целата територија со беспилотни летала и ракети. Киев возвраќа. И двете страни објавуваат извештаи за пресретнати непријателски дронови. САД го предупредуваат Иран на брза и сериозна реакција доколку и испорача балистички ракети на Русија.

„Длабоко сме загрижени од извештаите дека Иран планира да испорача стотици балистички ракети на Русија. Остануваме во комуникација со нашите европски партнери и сојузници и подготвени сме да дадеме брз и остар одговор“, изјави Ведант Пател, заменик-портпарол на Стејт департментот.

Во руската област Курск украинските трупи напредуваат. Зеленски на брифинг за текот на операцијата.

„Ја продолжуваме офанзивната операција на територијата на регионот Курск. Во моментов контролираме околу илјада квадратни километри од територијата на Руската Федерација. Битките се одвиваат по должина на целиот фронт, ситуацијата е под наша контрола“, изјави Александар Сирскиј, врховен командант на украинските вооружени сили.

Пробивот на Украинците го потврди и Москва испраќајќи дополнителни сили во регионот.

„28 населени места се под непријателска контрола. Неколкукратно се зголемија нападите со беспилотни летала и ракети. Не ја знаеме судбината на околу 2 илјади луѓе. Најголемиот проблем е што нема јасна линија на фронтот“, изјави Алексеј Смирнов, вршител на должноста гувернер на Курск.

Путин бара украинските војници да се протераат од регионот, најави соодветен одговор за Киев. Од Белата куќа со совет до рускиот лидер-повлечете ги своите војници од Украина и ќе го решите проблемот. Зеленски додава-Русија мора да биде принудена да постигне мир.

„Тоа се областите од кои руската армија изврши напади врз нашиот регион Суми. Затоа, нашите операции во Курск се чисто безбедносно прашање за Украина, ослободување на граничната област од руската војска. Фер е да се уништат руските терористи од каде што ги почнаа нападите. Русија мора да биде принудена на мир ако Путин очајно сака да води војна“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Од руското разузнавање велат дека Зеленски презема луди чекори кои можат да ескалираат многу подалеку од Украина.

 

Бојана Крстевски