Пожарот на Галичица сè уште активен
Дел од пожарите во Охридскиот регион се ставени под контрола или изгаснати, но оној во Националниот парк „Галичица“ сè уште активен. Засега гори нискостеблеста шума, но огнената стихија сè уште се шири и може да предизвика големи штети на ендемичниот растителен свет …

Пожарот на планината Галичица е сè уште активен. Се шири во насока на врвот Магаро и кон Стење.
Гори нискостеблеста вегетација и грмушки од смрека, а од утрово има тенденција на ширење кон охридската страна на планината, односно кон местото викано Попо. На терен делуваат над 30 лица меѓу кои се вработените во Националниот парк „Галичица“, членови на планинарскиот клуб „Патагонија“, планинската спасителна служба при Црвениот крст во Охрид, од спомен паркот „Езерани“ и доброволци. Најкритично е на кракот којшто се спушта кон Стење, бидејќи постои можност пожарот да зафати букова шума.
Според досегашните искуства на некои од стручните лица во Националниот парк „Галичица“, пожарот тешко ќе се стави под контрола без воздушна поддршка која заеднички ќе делува со екипите на терен. За луѓето коишто го гаснат пожарот опасност претставуваат експлозивните средства заостанати од Првата светска војна, кои се активираат поради високите температури кои ги предизвикува пожарот. Да потсетиме дека во овој национален парк опстојуваат 174 ендемични видови растенија кои поради пожарите можат да бидат уништени.
Инаку под контрола е пожарот во општините Демир Хисар и Охрид на Илинска планина каде што се опожарени ниска вегетација, нискостеблеста и букова шума, додека пожарот што зафати мешана шума во околината на охридското село Опеница е изгаснат.
Сашо Нелоски
