Здравство

Во јули регистрирани 250 случаи со Ковид-19

13.08.2024 18:55

Летните одмори, масовните прослави и забави ја разгореа ситуацијата со ковидот во земјава. За десет пати поголем број заболени овој месец, споредбено со минатиот, регистрира Институтот за јавно здравје...

Летните одмори, масовните прослави и забави ја разгореа ситуацијата со ковидот во земјава. За десет пати поголем број заболени овој месец, споредбено со минатиот, регистрира Институтот за јавно здравје.

Од новиот бран во јули имаше и една жртва. Според месечните извештаи, минатиот месец се пријавени 250 случаи. Во јуни имало само 25. Од заболените најмногу 14 се од Скопје, а највисока инциденца има во Кавадарци.

Матичните лекари предупредуваат дека голем дел од заразените не се ни тестираат, инаку бројката би била многу поголема.

Кај возрасната група над 60 години и кај деца до девет години е забележено најголем број на инфекции. Во јули, над 60 години инфицирани биле 74 лица, а кај малите деца бројката достигнала 45 или 18 отсто од вкупниот број.

Во групата од 30 до 39 години регистрирани се 38 лица, во групата од 40 до 49 години има 35 заболени, од 50 до 59 има 26 заболени, а најмал број на заболени се пријавени во групата 20 до 29 години и 10 до 19 години, информираат од ИЈЗ.