Руско-украински конфликт

Украинците тврдат дека зазеле 74 населени места во руската област Курск, Кремљ негира

14.08.2024 10:11

Украинците тврдат дека зазеле 74 населени места во руската област Курск, Кремљ негира. Руските власти ги евакуираат жителите од загрозениот регион. Во Белгород прогласена вонредна состојба. За Бајден украинскиот напад на Курск создал дилема кај рускиот претседател Путин.

Нови ракетни напади и извештаи за соборени дронови на двете страни. Вонредна ситуација во руската област Белгород.

„Ситуацијата во нашиот регион и натаму останува исклучително тешка и напната. Секојдневно гранатирање од Вооружените сили на Украина, уништени куќи, повредени цивили и жртви. Затоа одлучивме во целиот Белгородски регион да прогласиме вонредна состојба со цел дополнително да се заштити населението“, изјави Вјачеслав Гладков, гувернер на Белгород.

Според Москва руските воени единици ги спречиле украинските трупи да продрат подлабоко во близина на Курските области, наспроти тврдењата на Киев дека под контрола држат 74 населени места.

„Нашите војници напредуваа од еден до три километри. Под наша контрола се 74 населени места. Во тек се борби по целата линија на фронтот. Ситуацијата, и покрај високиот интензитет на борбите, е под контрола, продолжуваме да ја спроведуваме операцијата“, Олександр Сирскиј, командант на украинската војска.

Украина потврди дека не е заинтересирана да ја преземе територијата на регионот Курск, туку да ја заштити земјата од руски удари со долг дострел.

„Украина не е заинтересирана да ја преземе територијата на Курск, но сакаме да ги заштитиме животите на нашиот народ. За жал немаме можност да извршиме удари со долг дострел со оружјето што го поседуваме за да се браниме од теророт“, изјави Хеорхи Тихиј, портпаролот на Министерството за надворешни работи.

Зеленски вели-Украина мора целосно да ги искористи воените успеси по упадот на руската граница.

„Обрнуваме внимание на секоја насока на одбраната на нашата држава, на сите области на фронтот: регионот Доњецк, Харков, Југот. Посебно внимание се посветува на регионот Курск, а со тоа и на заштитата на сите нашите погранични заедници во близина. Уште еднаш докажавме дека сме способни да ги постигнеме нашите цели во секоја ситуација“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Украина го започна својот упад во Русија пред повеќе од една недела. Тоа е најголемиот таков напад откако Москва ја започна инвазијата во 2022-та година.

Бојана Крстевски