Вонредна состојба во руски Белгород
Вонредна состојба во руски Белгород. Москва наспроти Киев за напредокот на украинските трупи во Курск. Војната со дронови продолжи на двете страни. Зеленски вели-Украина мора целосно да ги искористи воените успеси по упадот на руската граница. Од Русија со став-токму акциите во насока на Курск, ги ставаат мировните преговори на долга пауза поради ...
Нови ракетни напади и извештаи за соборени дронови на двете страни. Вонредна ситуација во руската област Белгород.
„Ситуацијата во нашиот регион и натаму останува исклучително тешка и напната. Секојдневно гранатирање од Вооружените сили на Украина, уништени куќи, повредени цивили и жртви. Затоа одлучивме во целиот Белгородски регион да прогласиме вонредна состојба со цел дополнително да се заштити населението“, Вјачеслав Гладков, гувернер на Белгород.
Според Москва руските воени единици ги спречиле украинските трупи да продрат подлабоко во близина на Курските области, наспроти тврдењата на Киев дека под контрола држат 74 населени места.
„Нашите војници напредуваа од еден до три километри. Под наша контрола се 74 населени места. Во тек се борби по целата линија на фронтот. Ситуацијата, и покрај високиот интензитет на борбите, е под контрола“, Олександр Сирскиј, командант на украинската војска.
Украина потврди дека не е заинтересирана да ја преземе територијата на регионот Курск, туку да ја заштити земјата од руски удари со долг дострел. Зеленски вели-Украина мора целосно да ги искористи воените успеси по упадот на руската граница.
„Обрнуваме внимание на секоја насока на одбраната на нашата држава, на сите области на фронтот: регионот Доњецк, Харков, Југот. Посебно внимание се посветува на регионот Курск, а со тоа и на заштитата на сите нашите погранични заедници во близина. Уште еднаш докажавме дека сме способни да ги постигнеме нашите цели во секоја ситуација“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
За Русија, токму акциите во насока на Курск ги ставаат мировните преговори со Киев на долга пауза.
„Токму преку терористичките акции во насока на Курск, Украина ги стави на долготрајна пауза мировните преговори. Ова беше направено апсолутно намерно, бидејќи водењето преговори со неадекватен противник денес е неприродно, и претседателот го рече истото“, изјави Родион Мирошник, амбасадор на руското Министерство за надворешни работи.
Украина го започна својот упад во Русија пред повеќе од една недела. Тоа е најголемиот таков напад откако Москва ја започна инвазијата во 2022-та година.
Бојана Крстевски