Продолжува битката со пламените јазици кај Галичица
Десет денови беснее пожарот на Галичица. Пожарот е проширен на три фронта на македонска територија. Пламените јазици навлегоа во шумата над Стење, гори и над селото Љубаништа. Дополнително експлозиите на гранати од Првата светска војна ја влошуваат состојбата. Од утрово покрај од копно почна акција и од воздух...
Десет денови се води битка со огнената стихија на Галичица. Три дена немаше интервенција од воздух, па пожарот се прошири на три фронта на македонска територија. Од исток кон Преспа, од север кон Охрид и од запад кон Охридското езеро. Пламените јазици навлегоа во шумата над Стење, гори и над селото Љубаништа. Дополнително експлозиите на гранати од Првата светска војна ја влошуваат состојбата.
Од противпожарната единица, велат нема опасност по куќите во селата.
„Еден крак е спуштен долу накај Љубаништа, а еден накај Стење. Нашите се кај Љубаништа пожарникари се пет со едно возило. Доста е високо над селото нема потреба од паника се надеваме со помош од воздух и службите на терен ќе успеат да го санираат до крајот на денот“, изјави Коста Кузмановски заменик командир на ТППЕ Охрид.
Екипите деноноќно се мобилизирани, се вложуваат натчовечки напори за стабилизирање на состојбата. Од денес повторно во акцијата се вклучени хеликоптери и ер-трактори.
„Воздухопловните сили на Министерството за внатрешни работи кои во повеќе наврати со десант и со вода не носат таму бидејќи се работи за доста непристапен терен од 2,5 часа пешачење навистина е непристапен терен стара Галичица. И денес имаме екипи на спасителната единица и НП, имаме присуство на ТППЕ Охрид и Ресен, доброволци, вработени во НП, постојано сме таму месно население од охридско-преспанскиот дел, паркот Езерани и секој кој на секој начин може да помогне“, изјави Ѓуро Јовчески командир на ТППЕ Охрид.
Колкави се штетите и колкава површина од шумската вегетација во НП Галичица пеплосаа пожарите дополнително ќе се утврдува.
Соња Рилковска