Градежните работници кои работат на отворено треба да избегнуваат активности од 11 до 17 часот
Трет ден мерки за заштита од топлото време. Поради метеоалармот, градежните работници кои работат на отворено треба да избегнуваат активности од 11 до 17 часот. Инспекторите го следат почитувањето.

Градежни работници извршуваат активности и на температура од плус 40 степени. И покрај апелите да не се работи на отворено кога е најжешко, на терен сликата поинаква. Од Здружението за градежништво при Стопанската комора велат дека имало и газди кои ги почитуваат мерките да не се работи кога е најжешко, но таквите велат се броеле на прсти.
Инспекцијата постојано е на терен и ја контролираат состојбата. Државните инспектори за труд извршиле 145 инспекциски надзори, од кои 129 вонредни.
„Надзорите се вршени онаму каде работниците се изложени на високи температури на отворено. При извршување на вонредните инспекциски надзори на работодавачите им се издадени 8 решенија со наредба за почитување на препораките и 9 решенија за забрана за работа за непочитување на препораките“, велат од ДИТ.
И покрај тоа што инспекторите за труд се постојано на терен, не може да ги посетат сите градилишта, оти недостигаат инспектори.
Дека во овој период може да се забележат градежни работници на градилиштата и автопатиштата, реагираат и од Сојузот на синдикати на Македонија. Велат препораките се сведуваат на тоа дека треба, а не дека мора да не се работи во тој период.
Освен кај нас, препораки за работа на отворено на топло време постојат и во Европската унија, но таму, за разлика од кај нас, тие се почитуваат.
Борис Грујоски
