Маврово - Ростуше

Пожарот над селото Врбен сè уште активен

14.08.2024 16:56

Пожарот кој вчера претпладне се појави на територијата на Националниот парк „Маврово“ во атарот на селото Врбен и натаму е активен. Од неговото ширење засега нема опасност по имотите и куќите, но причинета е голема материјална штета.

Големи еколошки и материјални штети во Националниот парк Маврово, предизвикаа пламените јазици кои вчера избувнаа над горнореканското село Врбен. Пожарот е сè уште активен, но спречен е истиот да навлезе во селото. Се гаси од воздух и земја.

Со механизација се направени противпожарни заштитни појаси за да не се прошири пожарот кон западната страна на Шара.

Во акцијата за гасење на пожарот се вклучени и мештаните на Врбен.

Од најлошото сценарио се спасивме, пламените јазици не навлегоа во селото, но ветерот велат е голем ризик фактор, велат тие.

Првичните проценки се дека досега изгорени се околу пет хектари површина со ела и ниска вегетација.

 

Зоран Димовски