ОЈО

Иџет Мемети признал вина, се спогодил со Обвинителството за условна казна од една година

14.08.2024 20:12

Поранешниот народен правобранител и член на Советот на јавни обвинители Иџет Мемети, осомничен за поткуп, признал вина и се спогодил со Оза условна казна од една година. Мемети заедно со обвинетиот врховен судија Наке Георгиев, се осомничени за лажно ветување дека ќе влијаат и ќе овозможат олеснување за поранешниот градоначалник на Ново Село, Боро Стојчев, за случајот со шверцот на марихуана.

Поранешниот народен правобранител и член на Советот на јавни обвинители, Иџет Мемети, осомничен за поткуп, се спогодил со Обвинителството. Признал дека примил награда за противзаконско влијание, во случајот за кој осомничен е и врховниот судија Наќе Георгиев. По спогодбата Мемети е осуден на условна казна од една година и доби забрана за вршење дејност во рок од три години.

„Странките се согласија на осомничениот И.М, за стореното кривично дело да му биде изречена казна алтернативна мерка – условна осуда со утврдена казна затвор во траење од една година, која нема да се изврши доколку осомничениот во рок од три години не стори ново кривично дело, како и судот да му изрече и забрана за вршење професија, дејност или должност на службено лице во период од три години, бидејќи истиот ја злоупотребил својата професија, дејност или должност заради извршувањето на кривичното дело и врз основа на природата на извршеното дело и околностите под кои е сторено, може да се очекува дека таквата дејност ќе ја злоупотреби за повторно вршење кривично дело“, велат од Обвинителството.

Мемети беше осомничен за случајот за земање 10 илјади евра со цел да му ја олесни положбата на градоначалникот на Ново Село, Боро Стојчев, против кого беше покрената кривична постапка за шверц на марихуана.

Врховниот судија Наќе Ѓоргиев, пак, беше приведен со 10 илјади евра кои му ги предал синот на ексградоначалникот. Георгиев речиси три месеци е во истражниот затвор во Шуто Оризари.

 

Андријана Ѓурческа