Израел

Нова рунда преговори за прекин на огнот во Газа без делегација на Хамас

15.08.2024 08:50

Високиот претставник на групата изјави дека тие нема да учествуваат бидејќи ја губат довербата во САД како посредник во мировните разговори...

Нова рунда преговори во Доха за прекин на огнот во Газа без делегацијата на Хамас. Високиот претставник на групата изјави дека тие нема да учествуваат бидејќи ја губат довербата во САД како посредник во мировните разговори.

„Очекуваме посредниците да ни кажат дека Израел го прифатил понуденото и секој состанок треба да се заснова на разговор за механизми за имплементација и поставување рокови наместо да преговара за нешто ново. Во спротивно, Хамас не наоѓа причина да учествува. Американската администрација не направи вистински притисок и напор да го повика Израел одговорен во однос на гаранциите што ги дал“, Осама Хамдан, висок функционер на Хамас.

Од Стејт департментот ги отфрлија обвинувањата велејќи дека САД остануваат посветени на разговорите за ставање крај на конфликтот. Во истовреме борбите во Газа беснеат. Палестинските власти тврдат дека во последните 24 часа се убиени речиси 40 лица. Шефот на израелската војска им порача на војниците да го зголемат притисокот врз Хамас додека не се ослободат заложниците. Пресметки и на Западниот Брег додека продолжуваат наизменичните напади меѓу Хезболах и Израел.