Слаткото на велешки „Јоми фуд“ ќе го брендираат млади креативци
Седум видови на слатко од асортиманот на компанијата „Јоми фуд“ од Велес ќе бидат брендирани од млади креативци...

Млади дизајнери и креативци ќе работат на создавање на автентичен дизајн и брендирање на седум видови на слатко од асортиманот на компанијата „Јоми фуд“ од Велес.
Брендирањето на производите на „Јоми фуд“ од Велес се спроведува во рамките на проектот на „Браво сине“ на Движењето за поддршка на креативноста „Иво Лауренчиќ“ кое заедно со Skopje Design Week ја избраа велешката компанија откако биле разгледани сите пристигнати пријави од компании производители на слатка.
Од Движењето за поддршка на креативноста „Иво Лауренчиќ“ соопштуваат дека пресудно за изборот на велешката компанијата било асортиманот на слатко од различни овошја, присуство во малопродажната мрежа во Македонија и користење на домашна суровина за производство.
Движењето за поддршка на креативноста „Иво Лауренчиќ“, Skopje Design Week и „Јоми фуд“ во вторник потпишаа догвор, со кој се предвидува компанијата да го промени целокупното брендирање и изглед на производите во рок од една година.
Конкурсот за дизајнери и креативци ќе биде распишан деновиве, а ќе трае до 1-ви септември годинава. Победничкото решение ќе биде објавено во рамките на годинешното издание на Skopje Design Week во септември, а ќе биде наградено со парична награда во износ од 200.000 денари, која ја обезбедува Движењето за поддршка на креативноста.
