Нови украински напади врз руска територија
Нов украински напад со дронови врз руска територија. Таргет биле руски воени аеродроми. Населението во Белгород се евакуира. Москва тврди дека заробила две украински бригади во Курската област …

Русија донесе одлука за задолжителна евакуација на жителите на Глушков во Курската област додека украинскиот прекуграничен упад влегува во втората недела. Операцијата отежната од артилериска канонада-велат надлежните.
„Додека ги евакуиравме, имаше украински војници преку целиот ден. Успеавме да го најдеме моментот кога нашите момци беа таму за да ги изнесат овие луѓе. Небото е исполнето со дронови“, изјави Дмитриј Гулиев, копретседател на штабот на Народниот фронт во регионот Курск.
„Звукот од канонадата продолжи без прекин. Куќата се тресеше. Сите прозорци штракаа, целиот мебел се движеше наоколу“, изјави Татјана Аникева, евакуирана.
Се евакуира и населението во Белгород по интензивираните украински напади. Регионалниот гувернер Гладков изјави дека во нападот со беспилотни летала се повредени четворица цивили. Киев тврди дека го извршил најголемиот напад со дронови на четири руски воени аеродроми. Москва пак, дека заробиле две украински бригади во Курската област. Во областа Суми на границата со Русија забележани зголемен број украински воени возила.
„Главните напори се концентрирани во правците Торецк и Покровск, со цел да се спречи напредувањето на непријателот и да се нанесат максимални можни загуби врз нив. Групите на одбранбените сили продолжуваат со јуришни операции во Курската област. Заробивме повеќе од стотина војници на непријателот“, изјави Олександр Сирискиј, врховен командант на вооружените сили на Украина.
Зеленски го пофали добриот напредок на Армијата, нагласувајќи дека Киев ја постигнува својата стратешка цел.
„Напредување во Курск оди добро, ја достигнуваме нашата стратешка цел, значително го зголемивме разменскиот фонд за нашата земја. Би сакал да им се заблагодарам на сите наши војници за прецизните, вешти и ефективни удари на руските аеродроми“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Украина соопшти дека ќе формира тампон-зона во областа за хуманитарните меѓународни организации.
Бојана Крстевски
