Руско-украински конфликт

Итна евакуација на жителите на Глушков во Курската област

15.08.2024 12:04

Русија прогласи евакуација на уште една област во Курскиот регион додека украинските трупи ги интензивираат нападите. Во Белгород-вонредна состојба на федерално ниво. Киев ја постигнува стратешката цел-вели Зеленски. Москва возвраќа со воздушни удари во Херсон...

Русија донесе одлука за задолжителна евакуација на жителите на Глушков во Курската област, додека украинскиот прекуграничен упад влегува во втората недела. Операцијата отежната од артилериска канонада.

„Додека ги евакуиравме, имаше украински војници преку целиот ден. Успеавме да го најдеме моментот кога нашите момци беа таму за да ги изнесат овие луѓе. Небото е исполнето со дронови“, изјави Дмитриј Гулиев, копретседател на штабот на Народниот фронт во регионот Курск.

„Звукот од канонадата продолжи без прекин. Куќата се тресеше. Сите прозорци штракаа, целиот мебел се движеше наоколу“, изјави Татјана Аникева, евакуирана.

Се евакуира и населението во Белгород по интензивираните украински напади. Регионалниот гувернер Гладков изјави дека во нападот со беспилотни летала се повредени четворица цивили. По состанокот на владината комисија во областа прогласена вонредна состојба на федерално ниво.

„Обемот на тоа што се случува не дозволува регионот самостојно да ги елиминира последиците од моменталната вонредна состојба. Затоа предлагам да се класифицира како федерална вонредна состојба и да се воспостави федерално ниво на одговор“, изјави Александар Куренков, руски министер за вонредни ситуации.

Киев тврди дека го извршил најголемиот напад со дронови на четири руски воени аеродроми. Зеленски го пофали напредокот на армијата, нагласувајќи дека Киев ја постигнува својата стратешка цел.

„Напредување во Курск оди добро, ја достигнуваме нашата стратешка цел, значително го зголемивме фондот за размена за нашата земја. Би сакал да им се заблагодарам на сите наши војници за прецизните, вешти и ефективни удари на руските аеродроми“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Москва тврди дека заробиле две украински бригади во Курската област. Возвраќа со удари во Херсон.

„Се криеме, бегаме … Фрагменти од дронови летаат близу нас. Не гранатираат секој ден“, изјави Наталија, жителка на Херсон.

Украина соопшти дека ќе формира тампон-зона во областа Курс за хуманитарните меѓународни организации додека во Суми на границата со Русија го зголемува бројот на воени возила.

 

 Бојана Крстевски