НБРМ: Расте кредитирањето

08.07.2014 16:11

Заклучно со 31 мај 2014 година, на кредитниот пазар се забележува забрзување на кредитната активност на приватниот сектор...

Првичните податоци на Народната банка на Република Македонија покажуваат дека заклучно со месец мај, кредитите забележуваат раст од 7,6 проценти, што е над проектираните 7,3 проценти.

Според првичните податоци на НБРМ, заклучно со 31 мај 2014 година, на кредитниот пазар се забележува забрзување на кредитната активност на приватниот сектор, наспроти намалувањето на вкупните кредити што беше забележано во април. Според податоците на НБРМ, кредитните текови забележани на крајот на мај претставуваат најсилен месечен раст од почетокот на кризата и тоа како резултат на повисокото зголемување на кредитите одобрени на претпријатијата, во однос на кредитите наменети за секторот „население“.

„Годишната стапка на раст на вкупните кредити на крајот на мај изнесува 7,6 отсто и е над годишниот раст од 7,3 отсто проектиран за вториот квартал на 2014 година, согласно априлската проекција. На квартална основа, остварениот пораст од 3.589 милиони денари претставува 92 отсто од растот планиран за второто тримесечје на 2014 година“ сопштуваат од НБРМ.

Зголемување на месечно ниво забележуваат и депозитите, но во помал обем од очекуваниот за вториот квартал при што нивното ниво е под проектираното.

Најновите оценки за нивото на каматната стапка ЕУРИБОР укажуваат на непроменето ниво во 2014 година во однос на априлската проекција, додека за 2015 година очекувањата се ревидирани во надолна насока.