Судство

По Мемети и врховниот судија Георгиев се спогоди со Обвинителството

15.08.2024 15:33

Призна вина за поткуп и се спогоди со Обвинителството. Врховниот судија Наке Георгиев доби три години затвор и забрана за вршење на функцијата…

Врховниот судија Наке Георгив ќе одлежи три години затвор и исто толку не ќе може да ја врши функцијата откако призна вина за поткуп. Потпишувајќи ја предлог спогодбата Георгиев не спорел дека  го сторил кривичното дело за кое се товари и прифати да му биде изречена оваа казна, информираат од Обвинителството.

Предметниот обвинител имајќи ги предвид степенот на кривичната одговорност, побудите од кои е сторено делото, јачината на загрозувањето на заштитното добро, како и поранешниот живот на сторителот и неговите лични прилики ценеше дека за кривичното дело што му се става на товар со одмерената единствена казна затвор во траење од три години, ќе се остварат целите на казнувањето“, стои во соопштението на Јавното обвинителство.

Претходно, поранешниот народен правобранител и член на Советот на јавни обвинители, Иџет Мемети, ја призна вината за истиот случај со поранешниот градоначалник на Ново Село, Боро Стојчев, за шверц со марихуана и се спогоди за условна казна од една година

Спогодбите предизвикаа партиски реакции според  коалицијата „Вреди“ признанието на Мемети и направило ветинг на ДУИ.

Според „Вреди“, загрижувачки е овој договор со една од клучните фигури, како што велат, на корумпираната власт на ДУИ. Случајов станува симбол на сè што не е во ред со нашиот правосуден систем, и со право граѓаните реагираат со гнев и недоверба, е ставот на „Вреди“.

Признанието вина и спогодувањето, според премиерот Мицкоски, се потврда дека случајот бил добро документиран и со цврсти докази за кривичното дело извршено од нив.

Министерот за добро владеење,Арбен Фетаи, пак,  коментираше на својот фејсбук- профил: Спогодбата со Мемети е  шокантна, но е добро што некое време тој нема да прима мито додека му трае суспензијата. Критика упати и до обвинителот Ислам Абази, посочувајќи дека токму поради  судии и обвинители корумпирани под политичко и влијание на наркокартелите, потребни се коренити реформи во судството и Обвинителството.

 

Фиљана Кока