Мицкоски: Високи поранешни функционери сакаат да испровоцираат етнички конфликт
Има индиции дека поранешни функционери мобилизираат луѓе на терен, за да испровоцираат етнички конфликт, вели премиерот Мицкоски. Уверува, сторителите ќе одговараат, нема да биде дозволена нестабилност. Лидерот на СДСМ, Филипче, обвинува дека на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ им одговараат наративите за дестабилизација…

Поранешни функционери со пари се обидуваат да провоцираат етнички конфликт и да ја дестабилизираат меѓуетничката хармонија во државата – директен премиерот Мицкоски, без да соопшти имиња. Дестабилизација нема да дозволиме, вели шефот на Владата.
Претходно и вицепремиерот Изет Меџити, кажа дека мал број луѓе со црни пари посакуваат да има дестабилизација во државата за да си ја спасат кожата, но посочи дека тој не верува оти ќе има такво нешто.
На прославата од годишнината на Охридскиот договор, ДУИ испрати низа пораки во кои лидерот Ахмети посочи дека Србите, Бугарите и Грците ќе ги проголтаат Македонците ако не се во добри односи со Албанците.
Лидерот на СДСМ, Филипче, е со став дека оваа стратегија на подигање на меѓуетничката тензија, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ја спроведуваа пред изборите, а сега повторно ја враќаат во игра.
„Ако се земе предвид дека ДУИ му даде поддршка на ВМРО-ДПМНЕ за Законот за реорганизација на министерствата, без кои не можеше да се формира влада, тогаш не би се чудел целата работа да е договорена стратегија меѓу двете партии“, вели лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
Инаку, од Европскиот фронт стигна порака и да не се чепка во балансерот на што премиерот Мицкоски вели – неговото време измина. Укинување е препорака од Европската унија која воочи низа злоупотреби во декларирањето на етничката припадност.
Миле Ристески
