Пожари

Битка со пламените јазици на Галичица, пожарот е активен единаесет дена

15.08.2024 18:20

Единаесет денови беснее пожарот на Галичица. Стотина детонации од гранати од Првата светска војна ја тресат планината. Од рано утрово стотици волонтери се придружија на ренџерите, пожарникарите и Планинската спасителна служба. Три авиони од охридска и еден хеликоптер на преспанска страна се обидуваат да го стават пожарот под контрола.

Од рано утрово започна акција за справување со огнената стихија, која 11 денови беснее на Галичица. Надлежните служби, поддржани од голем број волонтери од земјава дејствуваат од копно да се спречи ширењето на огнот. Од утрово во акцијата се вклучени и два хеликоптери и три авиони ер-трактори кои дејствуваат од воздух.

Два огнени фронта на македонска територија се веќе под контрола, но сè уште е критично кон месноста Страчка кон село Војтино.

„Денеска имаме бројка од 120 луѓе конкретно во текот на денешниот ден е осигурана источната страница в долж Преспанското езеро каде што беше навлезена во чамот и во буката. Се прават појаси интензивно со машини. 40 луѓе се на позиција од раните утрински часови масовна бројка бидејќи е нова техника со гасење во високостеблеста шума“, вели Ѓуро Јовчески координатор на противпожарната единица на НП Галичица.

Изминативе денови стотина детонации од гранати останати од војните ја тресат планината и го отежнуваат гаснењето на пожарот, но и го прават исклучително ризичен. Надлежните велат нема простор за паника, нема опасност по села куки и население.

„Работиме да го осигураме уште западниот дел и сметам дека пожарот во овие денови ќе го намалува својата кулминација. Значи да бидат спокојни луѓето се безбедни да не се шири паника. Ние ова го сметаме како повик на наша должност, туку да ја заштитиме и природата и човечките животи. Нема опасност по човечки животи но бараме измени во законот да има ригорозни казни за сите оние кои го прават ова на нашата татковина“, додава Јовчески.

Големината на огнениот фронт, тешко пристапниот терен, неповолните временски услови како и експлозиите од гранати не дозволија брза локализација на пожарот. Чад и пепел деновиве се шират кон село Љубаништа, што беше причина голем дел од туристите да го напуштат автокампот и викендичките.

 

Соња Рилковска