Инвестиции

Германците во земјава вработуваат 13.000 луѓе

08.07.2014 16:39

Добрата инвестициска клима, атрактивниот даночен пакет и ниските трошоци за правење бизнис. Ова се главните причини зошто германските компании инвестираат во земјава. До крајот на годинава, бројот на работни места, отворени од германски компании ќе достигне 13 илјади...

3.000 работни места ќе отворат германските компании во Македонија до крајот на годинава. Новите инвеститори, „ОДВ Електрик“ и „Техникал Текстил“ ги прават последните подготовки за своите деловни потфати. Првата инвеститира во Охрид, во фабрика за производство на електрични инсталации, втората ќе се позиционира во Штип, од каде ќе произведува изолациони материјали. Првиот човек на германската комора во земјава објаснува дека причина за инвестицискиот бум е подобрената бизнис - клима.

„Македонија е земја во која трошоците за правење бизнис се многу ниски, а локациски се наоѓа многу блиску до ЕУ. Производствените компании во континуитет бараат нови пазари, каде трошоците за производство се помали. Инвеститорите од автомобилската индустрија внимаваат на трошоците, но има и такви инвеститори кои работат со пософистицирана технологија, кои бараат млади и образовани луѓе од Македонија, а тоа се работните места кои се и подобри платени“, вели Мартин Кнап, директор на германската стопанска комора во Македонија.

Германија и годинава е најголемиот и најзначајниот трговски партнер на земјава.

Во првите пет месеци од годинава, размената со Германија надмина милијарда и сто милиони долари, од кои вредноста на македонскиот извоз  изнесува 813 милиони. Германија е една од ретките земји со кои имаме суфицит во размената,  кој во периодот јануари – мај изнесува  речиси половина милијарда. Покриеноста на увозот со извоз достигна 246 проценти.

Кнап смета дека и во идниот период , размената и извозот во Германија ќе продолжат да се зголемуваат.

„Причина за ваквиот биланс на трговската размена со Македонија се зголемениот број на германски инвестиции, бидејќи германски компании кои произведуваат во Македонија, а потоа извезуваат во Германија. Во иднина, мислам дека ќе се зголемува нивото на германски инвестиции во Македонија, со што ќе расте и извозот“, додава Кнап.

Во земјава досега се реализирани 20-ина германски инвестиции.

Мартин Пушевски