Јапонија: Супертајфунот Неогури со брзина од 250 км/ч пустоши се пред себе

08.07.2014 16:42

Ваква супербура во Јапонија не е забележана во летниот период во изминатите десет години...

Големо невреме во Јапонија. Супертајфунот Неогури кој се движи со брзина од 250 километри на час, пустоши се пред себе. Обилниот дожд предизвика поплави во некои делови. Населението од крајбрежните градови е евакуирано, поради големите брановите кои што достигнуваат височина од 14 метри. Медиумите јавуваат дека  десет луѓе се повредени. Неколкумина рибари се  водат за исчезнати. На островот Окинава се евакуирани половина милион жители, училиштата се затворени, а летовите откажани. Американските војници во тамошната база ги откажале сите активности.

„Не можам да се вратам дома, сите летови се откажани. Го продолжив престојот за два дена, да помине тајфунот“, вели една жителка на Јапонија, која невремето ја затече далеку од домот.

Без струја се над 50 илјади домаќинства и урнати се повеќе објекти. Силниот дожд и ветер парализираше цели области. Властите издадоа предупредување од највисок степен, а во Токио е формиран кризен штаб.

Невремето предизвика голема штета, уништени се голем број домови.

Од временските услови зависи дали навреме ќе си одиме дома, ако невремето продолжи ќе останеме уште неколку денови.

Метеоролозите предупредуваат дека тајфунот следните денови може да ги зафати островите Кјушју и Хоншу, но со помал интензитет. Ваква супербура не е забележана во летниот период во изминатите десет години.

Марија Петковска