Образование

Јаневска: Обврска на сите нас е да го негуваме македонскиот јазик

16.08.2024 13:54

Летната школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, што по 57. пат се одржува во Охрид, е неповторлива можност за учесниците да ги усовршат и збогатат своите знаења од областа на македонистиката и кога ќе се вратат во своите средини, да бидат нашите најдобри промотори, рече министерката за образование и наука Весна Јаневска на отворањето на семинарот.

„Сите ние што живееме овде и нè прегрнува Плаошник, имаме обврска кон човештвото да го споделиме богатството на Крсте Мисирков, Гане Тодоровски и Петре М. Андреевски, на што повеќе јазици, затоа што тоа е македонско, и светско истовремено. И не само нивното, туку и на плејадата дејци чии творби на македонски јазик носат длабока хумана есенција. Затоа ни се потребни добри преведувачи, сериозни проучувачи и познавачи на македонскиот јазик, вљубеници во македонскиот збор“, нагласи Јаневска.

Негувањето на македонскиот јазик и зацврстувањето на неговата позиција на глобално ниво е програмски приоритет на новата Влада. Јаневска укажа дека од аспект на евроинтеграцијата на државата, тоа значи зајакнување на преведувачките и толкувачките капацитети за македонски јазик, со цел навремена и квалитетна подготовка на националната верзија на европското законодавство и обезбедување квалитетна поддршка во текот на пристапните преговори.

Јаневска побара од академската сфера и професорите да ја зајакнат научната работа, посебно во делот на македонистиката и да предничат во севкупните напори за јакнење на македонскиот јазик како суштински елемент на националниот и културен идентитет на Македонците.

На Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ, основан во 1967 година, досега учествувале повеќе од 5.000 учесници од над 70 земји, меѓу кои истакнати македонисти, филолози, балканолози, слависти, студенти, професори по македонски јазик и литература на странски универзитети, научни работници што го изучуваат македонскиот јазик на лекторатите на МСМЈЛК и на универзитетите во светот.