градежништво

Цените на становите не се реални и растат заради големата побарувачка

16.08.2024 14:10

Во јуни годинава издадени се 185 одобренија за градење, што е за 23 насто помалку во однос на јуни минатата година. Најголем дел се високоградби, а инвеститори на 112 објекти се физички лица. Цената на станбениот квадрат и понатаму расте …

Цената на станбениот простор во Штип постојано расте. Додека пред неколку месеци 1200 евра беше цена за најатрактивните станови, сега по оваа цена се нудат станови во изградба. Според економистите, цените се далеку над реалните.

Големата побарувачка е резултат на инфлацијата и граѓаните заштедите ги вложуваат во недвижнини, но во Штип тие поскапеа и заради интересот на студентите од Турција за станови. За најголем дел од граѓаните становите се прескапи.

Куќите по квадратен метар се поевтини од становите, но потешко се продаваат, иако за многумина тие се подобри за живот.

Според економистите, цената на недвижностите во нормални услови го следи процентот на инфлацијата, која за идната година е проектирана на 3,6 насто. Растот на цените на недвижностите е тренд за кој нема прогноза до кога ќе трае.

 

Славица Величковска