Состојбата со пожарот на Галичица е релативно стабилна
По вчерашното активно гаснење на пожарот од земја и воздух состојбата на Галичица е релативно стабилна. Има некои критични места, но таму делуваат пожарникари, вработени во Националниот парк „Галичица“ и доброволци, така што се очекува тој целосно да се стави под контрола. Нема опасност по населените места и автокаповите кои се на овој потег на подножјето на Галичица …

Пожарот кој веќе 12-ти ден беснее во Националниот парк „Галичица“ во текот на вчерашниот ден со големо ангажирање на 120 лица на терен, три авиони ер трактор и два хеликоптери беше делумно ставен под контрола. Денеска од рано наутро сто лица повторно гаснат на терен и во истовреме прават заштитни појаси за да се спречи ширењето на пожарот во параметар од 10 километри. Сепак има неколку жаришта поради што од Националниот парк бараат поддршка од воздух, а во источниот дел на паркот од ресенска страна во текот на денов делуваше ер трактор со цел да се локализира пожарот.
„Треба да се каже дека условите за гаснење на пожарот се екстремно тешки, бидејќи пламени јазици има на над 2.000 метри надморска височина, а на теренот има експлозивни средства заостанати од Првата светска војна“, изјави директор на ЦУК, Стојанче Ангелов.
Од Националниот парк „Галичица“ апелираат да не се шират дезинформации дека пожарот е потенцијална опасност за крајезерските населби и автокамповите на овој потег, бидејќи огнената стихија е далеку од нив. Според експертите од Националниот парк има уште многу работа за пожарот да се стави под целосна контрола, а загрижува тоа што од албанска страна на самата граница со нашата земја има активен пожар кој може да го загрози преспанскиот дел од планината.
Сашо Нелоски
