Здравство

Еден милион евра за нова опрема на Дигестивна хирургија

16.08.2024 14:51

Еден милион евра ќе чини опремата на дигестивна хирургија. Денеска увид на Клиниката направија премиерот Христијан Мицкоски и министерот за здравство Арбен Таравари...

Првпат во македонското здравство се употребува лапароскопска интервенција со светлосен контраст, нова опрема во вредност од милион евра е пуштена во употреба на Универзитетската клиника за дигестивна хирургија. Се отвори и комплетно реновираното одделение за дигестивна хирургија, чија реконструкција траеше еден месец и чини 700 илјади евра. Станува збор за набавка на нови кревети, плакари, врати и осветлување.

Позитивната листа на лекови се проширува за девет, а наскоро овој број ќе се зголеми. Распишан е тендерот за компресори за операциските сали. Едни од приоритетите на здравството се дигитализацијата и трансплантацијата, вели министерот за здравство Таравари.

Здравството ќе биде приоритет во буџетот за следната година кој веќе се планира со цел да се задржи медицинскиот кадар и да се врати довербата кај граѓаните. Но пред сè потребно е да профункционира правната држава, за да има прилив во буџетот, само така ќе можат да се реализираат сите зацртани проекти, изјави премиерот Мицковски.

 

Александра Велинова