Судскиот совет ќе го испитува постапувањето на Кривичен за „случајот Блерим Рамадани“
Како и зошто побегнал од куќен притвор поранешниот припадник на Ослободителната војска на Косово, Блерим Рамадани, ќе испитува комисија, која ја формира Судскиот совет. Ова тело составено од три члена, ќе треба да ги испита донесените одлуки на судијата од Кривичниот суд, зошто наместо ефективен бил во домашен притвор. Премиерот Мицкоски очекува набрзо одговори.

Советот формираше Комисија за одлуката на судијата Пајазит Пајазити од Скопскиот Кривичен суд којшто на косовецот Блерим Рамадани му определил куќен притвор, а тој потоа избега од земјава. Ова тело составено од тројца судии ќе треба да утврди зошто била донесена ваква одлука, а не му бил определен ефективен притвор.
По наодите од Комисијата, Судскиот совет ќе расправа дали ќе има последици за судијата од Кривичниот суд, Пајазит Пајазити.
Според премиерот Христијан Мицкоски, Судскиот совет е инстанцата која треба да се занимава со овој случај. Премиерот смета, ова е уште еден пример зошто Судскиот совет треба комплетно да се промени како состав.
Српскиот министер за внатрешни работи, Ивица Дачиќ, побара објаснување од македонските власти за бегството на поранешниот припадник на Ослободителната војска на Косово. Рече дека неговото бегство е скандалозно, бидејќи, како што нагласи, станува збор за лице што извршило злосторства врз Србите во Косово.
Рамадани врз основа на меѓународната потерница издадена до Интерпол од Србија, беше уапсен на 17-ти јули годинава на граничниот премин Јажинце и однесен на 30 дена екстрадициски притвор во затворот во Шутка. Содржината на налогот за апсење се заснова на сомневањата на Србија дека Рамадани, како поранешен војник на ОВК, извршил воени злосторства во регионот на Неродимје.
На 1-ви август, мерката на Рамадани од надлежен македонски суд му беше преиначена од „притвор“ во „куќен притвор“ и тој, според решението, беше упатен на адреса во Скопје. Со оваа одлука се предвидуваше тој да остане во „куќен притвор“ до 16-ти август.
Борис Грујоски
