Сиљановска - Давкова не гледа причина да го свика Советот за безбедност
Советот за безбедност нема да биде свикан и покрај најавите на премиерот Мицкоски за дестабилизација на државата, вели претседателката Силјановска-Давкова. Вели, потребни се докази за да биде донесена таква одлука. Лидерот на ДУИ вели дека изјавите за наводни немири се лажни. А првиот вицепремиер, Изет Меџити, тврди дека интегративците немаат поддршка од албанското население за такво нешто.

Нема доволно докази за да се реализира најавата за дестабилизација. Претседателката на државата Гордана Сиљановска - Давкова ќе го свика Советот за безбедност, откако ќе добие доволно докази за безбедносни закани. Таа најави дека е во процес на комплетирање на тројцата членови во Советот за безбедност кои ги именува шефот на државата.
Непостојните тврдења на премиерот Мицкоски за сценарија за дестабилизација од ДУИ, се невистинити, тврди лидерот на ДУИ, Ахмети. Според него, претставуваат намерни и опасни владини сценарија за обвинување други за дестабилизација. Тоа е обид да се дефокусира јавноста од недостиг на резултати и секојдневни владини скандали. Ахмети ова прашање го отворил пред бугарскиот амбасадор во Скопје Ангел Ангелов, со кого денеска остварил средба.
„ДУИ го има докажано својот придонес за стабилноста и безбедноста и се спротивставува на секој политички владин инсцениран обид за дестабилизација и ги повикува албанците и другите, да не потпаднат на провокациите на владата без етнички легитимитет“, се вели во соопштението на ДУИ.
Албанците ниту имаат желба, ниту посакуваат да протестираат кога оние кои повикуваат на тоа немаат политичка кауза која ги брани албанските интереси, вели Изет Меџити, вицепремиер од редовите на владината коалиција вреди. Според него ДУИ има само интерес како да се спаси од зделката со Соравија и другите коруптивни скандали.
Вчера лидерот на СДСМ, Венко Филипче излезе со став дека наводниот план за дестабилизација e договорен меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, со цел да се одржи, како што вели националистичкиот наратив за подигање меѓуетнички тензии.
Игор Панов
