Меѓународен семинар за македонски јазик во Охрид
Во моментов низ светот има само 11 лекторати. Власта најавува силна промоција на македонскиот јазик и отворање на нови лекторати низ светските универзитети. Македонскиот збор се слуша на сите континенти, македонскиот јазик се изучува и зборува на сите меридијани.

Македонскиот збор се слуша на сите континенти, македонскиот јазик се изучува и зборува на сите меридијани. Ова е пораката на македонистите на отворањето на 57. Летна школа за македонски јазик, култура и литература при УКИМ.
Во моментов низ светот има само 11 лекторати, власта најавува силна промоција на македонскиот јазик и отворање на нови лекторати низ светските универзитети.
„Поразувачки е реалноста дека лекторати по македонски јазик во странство сега има помалку отколку во времето на СФРЈ затоа во програмата на оваа влада како приоритет е зацртано одржување на постојаните и отворање на нови лекторати и курсеви по македонски јазик на универзитетите во странство“, изјави Весна Јанева, министер за образование.
„Овие дејци имале јасна визија и биле верни чувари на јазикот како врвно национално богатство и суштина на нашиот идентитет и култура, затоа чествувањето на овие јубилеи нека претставува поттик за доследно исполнување на светиот завет пред основоположниците на нашата национална култура, јазик и писменост“, рече Зоран Љутков, министер за култура и туризам.
Нема ништо посвето од мајчиниот јазик, тој е најголемиот штит на еден народ, истакна директорката на Меѓународната летна школа.
„Милоста кон јазикот е света работа, како што ќе каже Крсте Мисирков, јазикот на еден народ е негово духовно наследство и богатство“, рече Кристина Николовска директор на Меѓународниот семинар.
Македонисти од странство велат македонскиот јазик е единствен и различен од другите јазици. Во следните две седмици во Охрид, 65 македонисти од 17 земји ќе го изучуваат македонскиот јазик, а во изминативе 57 години учествувале над 4.000 учесници.
Соња Рилковска
