Култура

Синоќа беше отворено јубилејното 15-то издание на „МакеДокс“

16.08.2024 18:42

Со традиционалниот поздрав, високо кренати главици кромид во рацете на целата екипа и сите волонтери што работат на фестивалот, синоќа во Куршумли ан беше отворено јубилејното 15-то издание на фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“.

Со традиционалниот поздрав, високо кренати главици кромид во рацете на целата екипа и сите волонтери што работат на фестивалот, синоќа во Куршумли ан беше отворено јубилејното 15-то издание на фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“. Со мото „Копање емоции низ времето“, фестивалот се одржува од 15 до 22 август во Куршумли ан, Музеј на Македонија, Сули ан, МКЦ и новиот простор „Лабораториум“ во Скопје.

Објектот Куршумли ан, фестивалско гнездо на „МакеДокс“ во Старата скопска чаршија, беше исполнет до последното столче. Присутната публика со искрен и долготраен аплауз ги поздрави екипата и волонтерите на „МакеДокс“.

Филмската програма на 15. „МакеДокс“ почна со филмовите „Како се мери годината?“ (САД, 2022, 29 мин.) на Џеј Розенблат и „Целулоидно подземје“ (Обединето Кралство / Иран, 2023, 80 мин.) на иранскиот автор Ехсан Кошбахт. По филмските проекции, во рамки на музичкиот сегмент „Ноќни приказни“, се одржа концерт на Зарина Првасевда, вокален изведувач и музичар со единствена и алтернативна форма на презентација на македонската, балканската и светската традиционална музика. Вечерта заврши со диџеј-сет на Ишјан твин доцна во ноќта.

Во рамки на отворањето на фестивалот, во Куршумли ан поставена е „AeternaNova“ – изложба на фотографии на Здружението за истражување, заштита и промоција на културното наследство ВУЛГУС (@vulgus_mk). „AeternaNova“ (кованица од латинските термини „вечна“ и „нова“) презентира нов начин на промовирање и претставување на облековната култура од крајот на 19-иот и почетокот на 20-иот век, конципирајќи ја како мода, наместо како традиција. Проектен тим на изложбата се Филип Петковски, куратор и режисер, Марко Марјановиќ, фотограф, и Ивана Мојсовска Головска, постпродукција на фотографија. Во изложбата се користени народни носии од колекциите на Костадин Балкански, Дамјан Ристовски, Ансамбл „Студио Фолклор“ и Фолклорно студио „Етнос“. Изложбата ќе биде поставена до 22 август во Куршумли ан.

На втората вечер, на 16 август, „МакеДокс“ ќе ја рашири својата филмска мрежа уште на два објекти – во Сули ан и на платото пред Музејот на Македонија. Во централниот фестивалски објект – Куршумли ан ќе биде отворена програмата со тематскиот фокус, кој годинава е ставен на кинотечните архиви од повеќе држави. Програмата ќе биде отворена во 21 часот, во Куршумли ан со проекција на филмови од архивата на македонската Кинотека.

Викенд-програмата на 15. „МакеДокс“, на 17 август, во 11 часот претпладне, ќе биде отворена со анимирани филмови за најмладите во МКЦ. Ветрилото на чешките анимирани класици ќе го размрда застојаниот скопски летен воздух. На на овогодишниот репертоар се епизоди од златните серии на „Пат и Мат“, „Кртко“, „Максипесот Фик“ и „Боб и Бобек“.