Предметот за екстрадиција на Рамадани стигна во Врховен
Врховен го добил предметот за екстрадицијата на Блерим Рамадани. Судскиот совет ќе формира комисија, ќе ја проверува постапката на Кривичен за поранешниот припадник на ОВК кој избега.

Врховен суд го доби предметот за екстрадиција на бегалецот Блерим Рамадани, па дури сега ќе се одлучува по овој случај. Од судот се огласија преку соопштение.
„Врховниот суд на Република Северна Македонија ја информира јавноста дека на 16.08.2024, Основен кривичен суд Скопје, Кривичен совет на Одделението за организиран криминал и корупција, постапувајќи по службена должност до Врховниот суд, согласно член 68 став 2 од Законот за меѓународна соработка во кривичната материја, достави правосилно решение во врска со екстрадицијата на Блерим Рамадани од Урошевац, Република Косово, по кое е оформен предметот на овој суд преку АКМИС системот“, велат од Врховен суд.
Претходно, Советот формираше комисија за одлуката на судијата Пајазит Пајазити од скопскиот Кривичен суд, којшто на косовецот Блерим Рамадани му определил куќен притвор, а потоа тој избега од земјава.
Судскиот совет, велат членовите, ќе расправа дали ќе има последици за судијата Пајазит Пајазити.
Штом во Врховниот суд има корумпирани судии, можете да замислите што се случува во пониските судови – рече премиерот.
Според Христијан Мицкоски, Судскиот совет е инстанцата која треба да се занимава со овој случај.
„Рамадани врз основа на меѓународната потерница издадена до Интерпол од Србија, беше уапсен на 17-ти јули годинава на граничниот премин Јажинце и однесен на 30 дена екстрадициски притвор во затворот во Шутка“, изјави Мицкоски.
Содржината на налогот за апсење се заснова на сомневањата на Србија дека Рамадани, како поранешен војник на ОВК, таму извршил воени злосторства. Рамадани требаше да остане во „куќен притвор“ до 16-ти август.
Српскиот министер за внатрешни работи, Ивица Дачиќ, побара објаснување од македонските власти за бегството на поранешниот припадник на Ослободителната војска на Косово.
Се појавија фотографии, објавени доцна синоќа на социјалните мрежи, на кои може да се забележи дека токму Рамадани е видно расположен во друштво со уште едно лице. Засега е непознато дали фотографијата е направена вчера или пак се работи за постара фотографија.
„Чичко Блерим Рамадани, добре дојдовте дома во нашиот роден град, жал ни е што поради војната и слободата за Косово ви беше попречено движењето. Ослободителу, засекогаш почит, ќе бидеме заедно“, напиша на Фејсбук извесен Несрет Шашивари.
Борис Грујоски
