Енергетика

Гасоводната мрежа во Куманово се шири во индустриската зона

17.08.2024 13:50

Продолжува да се шири гасоводната мрежа во Куманово. Ќе се опфати и малата индустриска зона. Целта е мрежата да навлезе во големите компании. Надлежните очекуваат успешна грејна сезона, бидејќи цената во моментов е стабилна. Се вратија поголемите потрошувачи.

Гасоводната мрежа во Куманово ќе се прошири до малата индустриска зона во Доброшане. Целта на надлежните од јавното претпријатие „Куманово гас“ е идни потрошувачи да станат големите компании, но и домаќинствата во оваа населба. Градежните дозволи се добиени, започнати се подготовките на терен. За изградба на оваа делница ќе се одвојат до пет милиони денари.

„Разговарав со неколку клучни приватни фирми кои се заинтересирани им кажавме дека треба да почнат со подготовка на документација, дали ќе е тоа оваа сезона, важно е ние да ја воведеме“, истакна директорот на ЈП „Куманово гас“ Марко Митровски.

Од претпријатието очекуваат подобра грејна сезона. Последнава година цената на гас се движи од 52 до 56 денари. По големата енергетска криза на овој енергенс повторно се затоплуваат речиси сите институции во Куманово.

„Сите правни лица оваа година беа наши потрошувачи, цената го дозволи тоа, бевме поевтини од останатите нафтени деривати. Домаќинствата еден дел се вратија, еден дел сè уште не. Ќе работиме оваа грејна сезона доколку може општината некои субвенции да додели“, дополни директорот.

Пред ковид пандемијата и енергетската криза цената на природниот гас изнесуваше 30-ина денари.

На гас од новата грејна сезона ќе се затоплуваат и интернатот во Куманово и средното техничко училиште „Наце Буѓони“.

Преку проект „ЕУ за чист воздух“ ќе се овозможи и мрежата да се воведе во уште три основни училишта, центрите за социјални работи и вработување, секторот за внатрешни работи и основен суд Куманово.

Елена Георгиевска