Велес

Кулминира децениската негрижа за Езерото Младост

17.08.2024 14:32

Акумулацијата Езеро Младост прогласена за ризична за користење, но и по три седмици од оваа предупредување, нема активности со кои ќе се спаси езерото. Граѓанските организации велат дека ова е задача на повеќе институции, не една и потребно е што поскоро да се започне да се работи …

Наспроти податоците од двете лаборатории, на Центарот за јавно здравје од Велес и приватната акредитирана ФУД ЛАБ од Скопје, кои покажуваа дека површинската вода на езерото Младост е добра за капење, резултатите на Хидробиолошки завод од Охрид, дека водата е ризична за капење, летово го подигнаа алармот за спас на езерото Младост.

Изминатиот период риболовците како концесионери за рибниот фонд, во неколку наврати, заедно со други граѓански здруженија и биогасната централа Сарамзалино, исчистија дел од органската материја која плива по езерото. Концесионерот на водата ЈВП Лисиче, овој период нема преземено никаква активност. Индикатор за старо фекално загадување е регистриран во водите кај заливот, каде истекува Отовичка река, која подолг период нема вода. Од Општина Велес најавуваат дека оваа „црна“ точка на езерото ќе ја санираат.

„Во тек е изготвување на проект за чистење на речното корито на Отовичка река, како и поставување на информативни табли со добиената препорака, водата од акумулација Младост да не се користи за спорт и рекреација, за риболов, наводнување на земјоделски култури и напојување на животни, особено домашни миленици“ – соопштија од локалната власт.

Се препорачува механичко отстранување на површинската наслага, која плива по водата. Како спас за акумулацијата се наведува дека е потребно снабдување на езерото со свежа вода, со кислород.

Водата во акумулацијата е со лош квалитет, ризична за опстанокот на живиот свет, ризична по здравјето на капачите. Присуството на индикаторите за фекално загадување, укажуваат на човечко влијание врз акумулацијата, кое умира е оценката на стручните лица од Хидробиолошкиот завод до Охрид.

Петар Печков