Нов лустраторски тим

30 пријваени за 11 места во Лустрациска

08.07.2014 17:07

Во тек се разговори со политичките партии и наскоро се очекува од пријавените да биде избран новиот тим на Комисијата за верификација на фактите...

Околу 30 пријавени за 11- те лустраторски места во Комисијата за верификација на фактите. Во тек се разговорите со политичките партии и очекуваме наскоро, вели за  МТВ првиот човек на собраниската Комисија за избори и именувања, да биде избран новиот тим. Од досегашните членови коишто беа предлог на македонскиот опозициски блок, единствено, Чедомир Дамјановски се јавил на огласот.

Кандидатури доставиле и добар дел од актуелните членови. За разлика од собраниските тела каде што местата за опозицијата останаа непополнети при изборот на новиот лустраторски состав, правилата, вели Илиоски, се поинакви.

„Експлицитно не е кажано колкав број треба да бидат и од која политичка партија, пак ќе напоменам дека кандидатите конкурираат со својот кредибилитет, нивната индивидуалност, а поддршка добиваат од политичките партии. Знаете дека најголемата опозициска партија со дрва и со камења фрла по таа Комисија за верификација на фактите, зошто тоа го прават не би навлегувал, меѓутоа ако тие дадат предлог ние тоа ќе го разгледаме и ќе донесеме адекватна одлука“, вели Зоран Илиоски, претседател на Комисијата за избори и именување.

Најголемата опозициска партија и на претходниот оглас не номинираше кандидати. Единствено Либерната партија застана зад кандидатурата на Ристана Лалчервска која што се јавила и на најновиот оглас.

Процесот на Лустрација треба да трае 10 години. Минатото според законската регулатива треба да го расветлат два состави со по мандат од 5 години, но првиот лустраторски тим сеуште е задолжен за проверките на досиејата, се до изборот на новиот тим, којшто треба да утврди кој од актуелните и поранешни функционери имал соработничко досие со тајната полиција.

Виолета Димовска