Битолската чаршија пред колапс, старите занаети во изумирање
Затворени кепенци, руинирани дуќани. Ваква е моменталната слика на дел од Битолската чаршија, местото каде некогаш се вмрежуваше еснафот...

„Занаетот го наследив од мојот татко и мојот дедо. Занаетчии сме веќе 80 години во Битолската чаршија. Порано беше добро, но сега во овие околности е многу тешко да се опстане“, вели Иле Богдановски, кожар.
Затворени кепенци, руинирани дуќани. Ваква е моменталната слика на дел од Битолската чаршија, местото каде некогаш се вмрежуваше еснафот.
„Чаршијата беше полна со мајстори со отворени дуќани. Но, сега се е затворено, изумира Битолската чаршија“, вели Петровски Ѓорѓи, бербер.
„Сами не можеме да направиме ништо, се треба да оди низ институциите на државата. Индустријата си го прави своето, но секогаш има потреба од човечка рака, односно од занает“, смета Зоран Босилковски-претседател на Регионалната занаетчиска комора, Битола.
Евтината увезена роба и поскапената кирија ги затворија дуќаните, велат занаетчиите. Бараат подадена рака од државата и поголема заштита на занаетите. А, со правилна распределба на субвенциите, може да биде подобро, додаваат.
Сепак, постои некаква надеж за продолжување на древни занаети.
„Наследив занает свеќар, стар 50 години. Јас сум наследникот кој ќе ја продолжи традицијата“, Марија Спасевска-свеќар.
Занаетчиството се моделира согласно потребите на современиот човек. А во современите занаети заработувачка има, објаснуваат тие. А „Дембел чаршија“ се опејувала, раскажувала и прераскажувала, вели новинарот Петар Ставров.
Турските фермани сведочат дека битолските занаетчии тргувале дури до Индија. Но, за да продолжи да живее, инспирира и мотивира Битолската чаршија треба да се најде на мапата на задолжителна туристичка понуда на Битола. А тоа подразбира и нејзино разубавување, обновување и почитување, вели Павлина Василевска, дуќанџија.
А народната вели „од занаетот може богат нема да станеш, но ниту гладен нема да останеш“.
Ружица Ѓоршевска
