Пожари

Галичица сè уште гори, битка се води на три фронта

17.08.2024 16:30

Сè уште активен пожарот на Галичица. Се дејствиува и од копно и од воздух. Битка се води на три огнени фронта, над селото Стење, кон Војтино и кон планинарската куќа на Црвениот крст…

Тринаесет денови трае битката со пожарот на Галичица. И денес се делува и од копно и од воздух. Стотина пожарникари помогнати од планинари и волонтери, и два воздухоплови се на терен, но состојбата и натаму е специфична.

Откако преку ден ќе се стави под контрола, силните ветрови во ноќта повторно ги разгоруваат жариштата и се шири пожарот. Сè уште се активни трите огнени фронта. Над селото Стење, кон месноста Војтино и кон планинарска куќа на Црвениот крст.

„Состојбата е таква да источниот и северниот фронт се релативно смирени, а најголема активност имаме на западниот фронт во месноста Зли дол каде што е исклучително тешко да се делува поради непристапноста и косините во тој предел каде што за луѓето кои се справуваат со пожарот е многу тешко. И многу е непристапно за механизација и помошни средства“, вели Митко Темелкоски, раководител на П.Е. ЦУК Охрид.

Макотрпно и деноноќно се вложуваат натчовечки напори состојбата да се стави под контрола, но големината на огнениот фронт, исклучително непристапниот терен и неповолните временски услови го отежнуваат локализирањето на пожарот.

„Преку ден имаме го гаснеме пожарот, навечер ни се пали, тоа значи дека сепак треба поголема поддршка да го изгаснеме за преку ноќ да ги нема истите жаришта. Тоа место што вчера го изгаснавме утрово ни е 20 метри надолу пак пробиено. Ни треба технологија, повикавме булдожер да се пробие прошири пат да се спречи да слегува надолу“, вели Ромео Ристески, планинар.

Изминативе 13 денови стотина експлозии на гранати од минатите војни ја тресат планина и дополнително го отежнуваат справувањето со огнената стихија.

Надлежните смируваат, велат нема простор за паника, нема опасност по селата, куќите и населението.

Соња Рилковска