Македонија

Недостигаат автобуси, хаос во јавниот превоз во Скопје

17.08.2024 18:45

На јавниот превоз во Скопје му недостигаат 40 автобуси за да одговори на потребите на граѓаните сега во летниот период – вели директорот на ЈСП, Кушовски. Бара помош од институциите. Со ваков возен парк и капацитет допрва се чека од септември со почетокот на новата учебна година да се направи хаос, долги чекања и нервозни патници …

Недостигаат 40 автобуси за да функционира јавниот превоз во Скопје согласно возниот ред. Проблемите се продлабочуваат, состојбата е критична-вели директорот на ЈСП, Кушовски. Допрва ќе има хаос и нервози од септември со стартот на новата учебна година.

Од ЈСП тврдат дека автобусите што сообраќаат низ градот се технички исправни и секои шест месеци минуваат технички преглед. Но, возниот парк е стар повеќе од 13 години, дефектите не се исклучуваат. Кушовски во интервју за МИА со апел до граѓаните да не ги следат електронските табли ниту апликации за распоред на возење, тие повеќе не важат, направени биле во времињата кога имало доволно возила за јавен превоз.

Скопјани и натаму се жртви на нарушената комуникација меѓу градоначалничката и политичките субјекти што се одразува во Советот. Градоначалниците на скопските општини веќе побараа да ѝ бидат одземени ингеренциите за јавните претпријатија „Комунална хигиена“ и „Пакови и зеленило“ и тие да се грижат за хигиената.

Миле Ристески