Македонија

Во Куманово депонии поради нередовно изнесување смет

18.08.2024 10:51

Нередовното изнесување смет во Куманово создаде неколку диви депонии. Граѓаните револтирано најавуваат дека вреќите со смет ќе ги однесат пред општината и комуналното претпријатие. Од „Чистота и Зеленило“ информираат за дефекти на возилата.

Диви депонии постојано никнуваат низ Куманово. Жителите со реакции сметот не се собира редовно. Состојбата во месеците кога се пристигнати печалбарите е особено лоша. Купишта смет и различен отпад и во населбата „Перо Чичо“. За еден месец создадена депонија. Жителите велат возилата на комуналното претпријатие поминуваат на дури две до три седмици.

„Сите што имаат овде смет, дали од тоа што не го собираат и сите го фрлаат тука. Депонија направија за еден месец“-вели еден жител.

„Не можеме да седнеме во двор, муви, страшно е во 21 век. Втора недела не е дојдено нашиот смет, јас имам пет џакови, плаќам 600 денари“-дополни друга жителка.

„Се прави депонија од ромската популација и тие немаат каде да го изнесат, несвесно, виновни се чистота, инспекцијата, општината“-дополни друг жител.

Овие граѓани стравуваат од еколошка катастрофа.

Доколку во скоро време не се најде решение за депонијата во Перо Чичо, жителите револтирано најавуваат дека вреќите со смет ќе ги донесат пред општината и „Чистота и Зеленило“.

Од „Чистота и Зеленило“ информираат за дефекти на возилата и потврдуваат дека доцнело изнесувањето на смет. Месецов за околу 40 проценти велат се зголемени количините. Тие ги обвинуваат граѓаните дека се несовесни и создаваат депонии. Повикуваат и МВР и инспекцијата да дејствуваат.

„Имаме вкупно 24 возила од нив дефекти на 30 отсто. Потребно е комплетно заменување на возниот парк иако има некои нови набавки и донации истите по 3 години се подложни на кварови“, вели директорот на ЈП „Чистота и Зеленило“, Ненад Стојановски.

Во тек е и постапка за поставување 80 нови полуподземни садови, кои се со значајно поголем капацитет.

Елена Георгиевска