Македонија

Се анализираат причините за пожарите

18.08.2024 12:36

Единаесет активни пожари, шест под контрола во моментов во земјава. Пожарите кои беснеат низ земјава ја отворија „пандорината кутија“ за недостатоци, но и потреба од превенции. МВР има изречено кривични санкции. Се анализираат причините за пожарите, вели за МТВ директорот на УХМР, Лазаревски. Првиот човек на ЦУК се пожали, јазичари по професија работат како експерти за кризен менаџмент…

Рацете на потпалувачите или подметнувачите, побрзи од институциите. Се превенира, се казнува но пожарите беснеат. Има и кривични санкции. Само од јули годинава МВР посочува дека кривично се гонат три лица од Скопје, по едно од Свети Николе и Македонски Брод за предизвикување општа опасност, односно пожар.

Од слобода биле лишени вкупно шест лица од Велес, Струмица и прилепско за неколку други лица од Радовиш и прилепско се поднесени известувања. Вклучени се и дронови за следење и откривање на евентуални причинители.

Според анализите на мерењата од како постојат во земјава, констатирано е дека најподобни за шумски пожари биле годините кога во април и мај имало натпросечни, а во јули и јуни потпросечни врнежи. Тоа овозможува голем раст на тревите што е причина за избувнување пожари, вели за МТВ директорот на УХМР, Лазаревски.

Како друга можна причина што допрва ќе се анализира дали енормното намалување на сточниот фонд на високопланинските пасишта е фактор плус за пожарите, имајќи предвид дека нема добиток кој го собирал горливиот материјал кој претставува опасност од шумски пожари, додава Лазаревски.

Институциите се жалат на несоодветен кадар. Наместо стручни лица од воена, полициска академија и други, со ЦУК менаџираат и работат јазичари кои посакале да се занимаваат со кризен менаџмент, вели директорот Ангелов во интервју за Радио Слободна Европа.

Природата, сепак ќе ни биде наклонета следниот период. Стручната јавност преку НОТХАС апликацијата се вклучи со изработка и на симулации за следните 48 часа каде се гледа јасно колку дожд, ветер и пожари ќе има. Па со најавите за дождови се зголемува надежта дека пожарите ќе ни дадат оддишка. Веќе после 20 август, ќе бидат се почести врнежите.

Фиљана Кока