Израел

Нов обид на САД за примирје меѓу Израел и Хамас

19.08.2024 10:10

Нов дипломатски обид на САД за постигнување договор меѓу Израел и Хамас, за ставање крај на војната во Газа. Хамас го отфрли последниот предлог за решавање на прашањето за заложниците, обвинувајќи го Нетанјаху дека ги кочи разговорите. Израелскиот премиер, пак, повика на поголем притисок врз Хамас за време на преговорите за примирје.

Американскиот државен секретар Блинкен во нова блиско-источна турнеја за да го зголеми дипломатскиот притисок за прекин на огнот во Газа. САД не губат надеж дека може да се стигне до решение.

„Ова е одлучувачки момент. Веројатно најдобрата, можеби и последната можност да ги вратам заложниците дома, да постигнеме прекин на огнот, на пат кон траен мир и безбедност. Тука сум како дел од интензивните дипломатски напори да го доведеме договорот до крај, време е да се заврши. Време е да се осигураме дека никој не презема чекори што ќе го попречат овој процес. Работиме за да бидеме сигурни дека нема ескалација, провокации и дејствија што на кој било начин би можеле да не оддалечат од надминување на овој договор“, изјави американскиот државен секретар, Ентони Блинкен.

Средбата доаѓа во момент кога властите во Израел испитуваат можен терористички акт по експлозија на камион-бомба во Тел Авив.

„Во последните 24 часа бевме сведоци на тековни терористички напади. Убиства на луѓе на работни места, само затоа што се Евреи и Израелци. Бевме сведоци на сомнителен терористички напад во Тел Авив, кој е под истрага. Изутрина нашите војници беа повторно нападнати со дронови во Јаара на границата со Либан од терористи на Хезболах. Има информации дека сме претрпеле жртви“, изјави израелскиот претседател, Исак Херцог.

Додека САД на секој можен начин се обидуваат да постигнат договор меѓу завојуваните страни, Хамас ги отфрла новите предлози, обвинувајќи дека Израел наметнува нови услови. Нетанјаху пак, прстот го впери во милитантите.

„Сè уште стоиме на истите принципи кои се одржливи за безбедноста на Израел и се во согласност со рамката од 27-ми мај, која доби американска поддршка. Сакам да нагласам дека Хамас досега беше целосно тврдоглав. Не испрати ниту претставник на разговорите во Доха. Затоа, притисокот треба да биде насочен кон Хамас и Синвар, а не кон владата на Израел“, изјави израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху.

Нов камен на сопнување во преговорите е иднината на коридорот Филаделфија, границата Газа-Египет. Израел сака контрола, Хамас сака повлекување. Разговорите во Доха продолжуваат, иако Израел се подготвува за жесток удар по ескалацијата со Иран и Хезболах.

„Се подготвувавме за напад и подготвени сме на се. Има дипломатски обиди за деескалација на ситуацијата, но сме подготвени на се и сешто и на секој фронт“, изјави Мајор Дејвид Аврахам, раководител за печат на израелската војска.

Во истовреме, израелската армија продолжува со нападите низ Газа уништувајќи ги милитантите на Хамас, фокусирајќи се на југот на енклавата. Продолжи и секојдневната размена на оган со Хезболах преку либанско-израелската граница.

 

Бојана Крстевски