Зголемена посетеноста на културните локалитети и музеите во Охрид
Успешната туристичка сезона придонесе за зголемена посетеност на културно-историските споменици и музеите во Охрид. Статистичките податоци на Заводот и музеј од Охрид укажуваат дека годинава ќе биде најуспешна по коронакризата, при што очекуваат барем да се приближат до рекордните бројки од 2019 година кога охридското културно наследство го посетија околу сто и пет илјади туристи …

Културно-историските споменици и музеите се магнет за туристите кои доаѓаат во Охрид. Ако во 2023-тата во првите 7 месеци бројот на посетители бил 44.922, годинава само во јули богатството во културните локалитети и музеите го виделе 13.956 туристи.
Како и во текот на изминатите години најголема посетеност бележат заливот на коските, односно Музејот на вода кај градиште и Самуиловата тврдина. За жал најмала посетеност има галеријата на икони каде што се сместени едни од највредните икони во светот.
„Можам да се пофалам дека имаме голема посетеност, меѓутоа според нашите анализи кои ги имаме правено од 2010 навака како најпосетена по број на продадени влезници беше 2019-тата, тоа е годината пред ковидот. Мислам дека годинава барем ќе се приближиме до таа година на посетеност“, изјави Горан Патчев, директор на Завод и музеј Охрид.
Наша тенденција е да не вршиме притисок на музеите и локалитетите со квантитет, вели Патчев, туку да се зголеми квалитетот на услугите.
„Во иднина наша намера е да примениме едно повисоко ниво на услуги, да ги користиме креативната индустрија, применетата уметност, занаетчиите, да се збогати понудата на сувенири, да се промовираат. Имаме прекрасни простори за излагање, за промоција и за продавање на автентични сувенири“, рече Горан Патчев, директор на Завод и музеј Охрид.
Најголем интерес да го видат нашето културно наследство има кај туристите од соседните држави, но и кај оние од Полска, Холандија, Белгија, Англија и други држави.
Сашо Нелоски
