Судски совет

Почна постапката за утврдување евентуални пропусти за бегството на Рамадани

19.08.2024 12:39

Почна истрагата, зошто Блерим Рамадани бил ставен во домашен наместо во ефективен притвор и избега од државата. Тројца членови кои ги одреди Судскиот совет ќе утврдуваат, дали во донесената одлука од страна на судијата Пајазити има недоследности. За случајот продолжуваат и партиските реакции. Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ бара разрешување на судијата, а СДСМ велат дека власта се обидува да ја пренасочи одговорноста за вина…

Членовите на Судски совет, Александар Камбовски, Ханиф Зендели и Павлина Црвенковска ја почнаа постапката за утврдување евентуални пропусти во случајот со поранешниот припадник на ОВК, Блерим Рамадани кој избега од куќен притвор. Комисијата ќе расправа и за спогодбите со врховниот судија Георгиев и обвинителот Мемети. Од увидот во утврдените факти ќе биде изготвен извештај за постапувањето на судиите, вклучително и за Пајазит Пајазити кој му изрече куќен притвор на Рамадани.

Додека тричлената комисија одлучува, продолжуваат партиските меѓусебни обвинувања. Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ за бегството на Рамадани ги обвинуваат СДСМ и ДУИ. Бараат разрешување на судијата Пајазити, како експонент на овие две партии. Очигледно е дека Пајазити му го отворил патот на Рамадани за бегство. Со тоа ја оцрнил професијата и не му е место во судницата“, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Од опозициската СДСМ, пак, ја обвинија ВМРО-ДПМНЕ за обиди да ја пренасочи одговорноста за Рамадани на судството, наместо на Министерството за внатрешни работи. Според нив, МВР и министерот Тошковски биле задолжени да го обезбедуваат во куќен притвор. За Пајазити, пак, велат дека бил избран за судија токму во времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

„ВМРО-ДПМНЕ, наместо да се обидува да се вади од одговорност во целиот случај, во најкус рок мора да го разреши Тошковски од функцијата министер за внатрешни работи, затоа што одговорноста за бегството е негова. Во најкус рок бараме МВР да излезе со извештај за тоа, кој дозволил Рамадани да избега без да биде соодветно обезбеден“, велат од СДСМ.

И од „Вреди“ го коментираа прашањето за евентуално разрешување на судијата Пајазити.

Дел од аналитичарите тврдат дека овие настани ќе влијаат негативно на довербата кон судството и тоа многу повеќе со признавањето на вина на Георгиев и Мемети, отколку бегството на Блерим Рамадани. Сега Судскиот совет со одлуката или ќе успее да го исчисти својот имиџ или ќе доживее поинаква судбина, е нивниот став.

 

Фиљана Кока