СДСМ бара Собранието и МВР да ги објават налозите за патувањето во Косово на собранискиот спикер Гаши
Полицијата ги чека налозите од граничната полиција која треба да потврди дека собранискиот спикер Африм Гаши навреме известил дека со службено возило ќе оди на патување во Косово. Вчера парламентот извести дека нема ништо спорно во патувањето и дека се е транспарентно. СДСМ бараат полицијата да ги покаже налозите. Зад првиот парламентарец застана коалицијата „Вреди“. Велат, Гаши се однесувал според прописите предвидени со Закон и протокол за безбедност …

Дали е етички од Гаши со службено возило да оди по невеста во Косово? – СДСМ бара Собранието и МВР да ги објават налозите за патување на спикерот на законодавниот дом, кој според нив ја понижил државата.
Од коалицијата „Вреди“ велат дека претседателот на Собранието, Африм Гаши, се однесува според прописите предвидени со Закон и протоколот за безбедност. Оттаму не знаат дали на Блаце бил сопрен сообраќајот за тој да мине на брза лента, а со него и останати свадбари.
Носител на позиција каква има Африм Гаши е проследена со задолжителен протокол и постојана придружба. Спротивната ситуација, немањето на придружба и необезбедувањето, претставува прекршок за санкција-е ставот на ВМРО-ДПМНЕ.
МВР проверува дали се испочитувани протоколите за патувањето на Гаши. Случајот го проверува и Антикорупциска, од каде што посочија дека наредните денови во координација со надлежните органи ќе утврдат дали има основ за постапување.
„Целите и потребите на движењето на спикерот Гаши, сепак се во доменот на етиката и моралот“, велат во Антикорупциска.
Од кабинетот на Гаши покрај потврдата дека тој бил во Косово, рекоа оти посетата била целосно транспарентна и усогласена со потребните процедури, а известени биле и МВР и Министерството за надворешни работи.
Миле Ристески