Голем број поплаки за такси превозниците во Охрид, одбиваат да возат кратки релации, не издаваат фискални сметки
И оваа сезона стари проблеми во туристички Охрид. Голем број поплаки за такси превозниците. Одбиваат да возат кратки релации, не издаваат фискални сметки, наплатуваат двојно повеќе од утврдената цена...

И оваа сезона голем број поплаки за некоректно однесување на охридските таксисти. Одбиваат да возат на кратки релации. Не примаат домашни гости ниту охриѓани, чекаат странци и подолги релации. Тешко се добива возило и во такси компаниите, најчесто телефоните им се исклучени. Граѓаните се жалат на потценувачки однос кон патниците.
„На нашите сограѓани не сакаат да им вршат работа, си бараат странци со повеќе пари“.
„Не сакаат релација овде низ градот, чекаат подолга релација до Скопје. Би требало да се услужни ако сакаме да одиме напред“.
„Друг систем имаат овде за возење јас доаѓам кај банката и му викам ќе ме однесеш до негде, ај види позади. На што личи тоа таксистот мора да го услужи секој еден граѓани“, велат анкетирани граѓани.
Таксистите се должни да издаваат фискални сметки, но и тоа не го прават. Согласно ценовникот на сила, стартот е 50 денари, а секој изминат км се наплатува 35 ден, односно 45 ден во ноќната тарифа, но одлуката не се почитува. Наплатуваат двојно или тројно повеќе од редовната цена.
„Триста денари платив од автобуска станица до гимназија, раскажува гостинка од Србија“.
„Се возев со такси, бараат повеќе, но ќе најдеш друг такси по нормална цена“.
„Плативме 400 денари ни требаше и прифативме. Од овде од нивната постојка до стар град до Плаошник“.
„Не се како што треба, не сакаат да возат, малку им било пари, тоа не е дозволено“.
„Многу пари бараат затоа не користевме“, додаваат други анкетирани граѓани.
Од општина Охрид велат, инспекторите за патен сообраќај се редовно на терен и се во тек со случувањата по однос на такси превозот.
Во текот на наредниот период најавуваат засилени контроли на превозниците, а воедно и ги охрабруваат патниците да ги пријавуваат нерегуларности кај надлежните служби.
Соња Рилковска
