Ескалира состојбата во Израел
09.07.2014 10:39
Војската соопшти дека се истрелани над 130 ракети, додека премиерот Нетанјаху го повика народот да биде трпелив бидејќи акцијата против екстремистите може да потрае...

Продолжуваат воздушните напади на израелската војска во појасот Газа. Најмалку 23 луѓе загинаа, голем број се повредени при стотина воздушни напади од страна на израелската војска.
„Бројот на повредени секој момент е се погоолем. Досега примивме шест луѓе кои се посериозно повредени, хоспитализирани се и три деца“, вели доктор Ајман Хамдан.
„Брат ми е повреден додека седеше пред неговата куќа. Што да кажам? Страшно е ова што се случува“, вели брат на еден повреден.
Војската соопшти дека се истрелани над 130 ракети, додека премиерот Нетанјаху го повика народот да биде трпелив бидејќи акцијата против екстремистите може да потрае.
„Нема да толерираме ракетирање на нашата територија. Затоа нашата акција ќе се прошири против терористите на Хамас. Војската ќе ги искористи своите ингеренции да се бори против бунтовниците но не и против невините граѓани“, рече премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху.
Хамас го возвраќа нападот. Истрелани ракети кон Ерусалим, Тел Авив и уште неколку града. Генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун ги осуди нападите и ги повика двете страни да спречат понатамошно ширење на агресијата.
Палестинскиот претседател Махмуд Абас свика вонредна седница на државното раководство поради состојбата во Газа.
Марија Петковска
