Таравари: Нема лекарска грешка во случајот со пациентката болна од Ковид
Министерството за здравство ќе чека одговори од две клиники кои треба да кажат која е причината за смртта на пациентката која била заразена со Ковид, но била болна и од леукемија. Според Таравари, секоја клиника има оддел за интензивна нега и таа требала да биде згрижена. Тој смета дека нема лекарска грешка, но сепак ќе се чекаат деталните извештаи.

Причина за смртта на 48-годишната жена со лимфоидна леукемија и Ковид не е реновирањето на Инфективна клиника, ниту имало лекарска грешка. Според министерот Таравари, починатата пациентка која не била хоспитализирана на Инфективна и на КАРИЛ, туку на Хематологија, била лекувана според сите протоколи. Сепак, и покрај ова, тој побарал писмени извештаи од клиниките.
Директорот на Инфективната клиника, Фадил Цана, вели дека пациентите со неконтролирано тешко заболување, како леукемија, примарно се лекуваат на Хематологија, а ковидот се третира паралелно. И тој не гледа пропуст во лекувањето на пациентката.
Опозициската СДСМ побара одговорност и истрага за смртта на пациентката. Оттаму ги предупредија здравствените власти да не се обидуваат да го забошотат случајот, бидејќи за пациентката било побарано лекување на Инфективна или на КАРИЛ. Сепак, Таравари вели дека интензивни оддели има во секоја клиника и не може да се застане со реновирањето на здравствените капацитети.
Инфективната клиника во моментов се реновира, а се очекува комплетно да биде завршена во септември.
Александра Спировска
